Талибанците зазедоа област во северен Авганистан
![Талибанците зазедоа област во северен Авганистан](https://gdb.rferl.org/e6a9f182-ac2c-4e83-89ca-de7627a87d1c_w800_h450.jpg)
Талибанците зазедоа област во северната авганистанска провинција Баглан, соопштија денеска официјалните претставници на покраинскиот совет.
„Округот Бурка беше заземен од милитантите во вторникот вечерта по борбите меѓу безбедносните сили и Талибанците“, изјави членот на покраинскиот совет, Бизмила Аташ, пренесува Ројтерс.
Во меѓувреме, портпаролот на полицијата Џавид Башарат изјави дека безбедносните сили „тактички“ се повлекле од областа, но дека се во тек напорите за „повторно преземање“. Талибанците пак соопштија дека по заземањето на округот, милитантите заплениле голем број муниција и опрема од армијата.
Инцидентот се случи еден ден откако милитантите нападнаа воена база во друг округ во истата провинција, Баглан-е Маркази, при што биле убиени најмалку девет војници.
Во Авганистан убиени 15 војници во талибански напади
Долги години Баглан е една од најнестабилните провинции на северот на земјата, каде што Талибанците го зајакнаа своето присуство во последните неколку години.
Во изминатите неколку дена, Талибанците ги засилија нападите врз провинциските метрополи, обласните центри и поголемите безбедносни бази по повлекувањето на меѓународните сили од Авганистан, што започна на 1-ви мај. Оттогаш, локалните власти пријавуваат тешки судири меѓу авганистанските сили и милитанти во главните градови на провинциите Хелманд, Газни и Забул.