Вчера се вакцинирале над 14.500 граѓани
Досега во Македонија се дадени вкупно 175.348 дози вакцини, а целосно се имунизирани 25.648 граѓани, соопшти Министерството за здравство. Здравствените власти соопштија дека вчера вкупно се вакцинирале 14.548 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 13.751 граѓани, а останатите 797 се ревакцинирале.
Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 330.513 граѓани.
На матичните лекари уште сертификатите за вакцинација им „недостасуваа“
Од Министерството за здравство велат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата и апелираат заинтересираните граѓани да се пријават на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат до термин за вакцинација.
Оние кои примиле две дози од вакцината сертификатот за вакцинација може да го подигнат на вакциналниот пункт или од матичен лекар.
Сертификатите се бесплатни за сите граѓани и може да им послужат на луѓето да патуваат без притоа да прават ПЦР тест за ковид или пак да имаат доказ дека го прележале вирусот.