Претседателски избори во Сирија, осуда од САД и најголемите европски земји
„Ја повикуваме меѓународната заедница јасно да го осуди тој обид на режимот на Башар ал Асад повторно да најде легитимитет, а да не престане со сериозното кршење на човековите права и да не учествува во политичкиот процес под закрила на ОН, чија цел е завршување на судирите“, напишаа министрите за надворешни работи на САД, Германија, Велика Британија, Франција и Италија во заедничкото соопштение.
Претседателските избори кои денеска се одржуваат во Сирија ќе му дадат можност на Асад да го освои четвртиот мандат на чело на земјата. Тој се претставува како човек за реконструкција во земјата во банкрот, по 10 години на разурнувачка граѓанска војна.
Глад и сиромаштија по деценискиот конфликт во Сирија
Западните министри ја осудија одлуката на власта на Асад да одржи избори надвор од рамките опишани во Резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН. Тие ги поддржуваат гласовите на сите Сиријци, особено оние на организациите на цивилното општество и опозицијата, кои го осудија овој изборен процес како нелегитимен.
Според оваа Резолуција, слободни и фер избори треба да се организираат под надзор на ОН, со почитување на меѓународните барања за транспарентност.