Сингапур почнува со вакцинирање деца против ковид-19
![Сингапур почнува со вакцинирање деца против ковид-19](https://gdb.rferl.org/9112619C-30CA-4F6F-9C46-007849B4CF3B_w800_h450.jpg)
Сингапур оваа недела почнува со вакцинирање на децата против коронавирус, соопшти премиерот Ли Хсијен Лонг и изрази загриженост поради новите соеви на вирусот кои ги погодуваат младите.
„Во тек на овој најнов бран имаме повеќе случаи на заразени деца“, рече тој и додаде дека ќе биде искористен јунскиот распуст за вакцинирање на учениците.
Сингапур неодамна ги заостри мерките по наглото зголемување на бројот на заразени со коронавирус. Училиштата беа затворени на средината на мај.
Властите ја одобрија употребата на вакцината на Фајзер за деца од 12 до 15 години.
ЕМА ја одобри вакцината на Фајзер за деца од 12 години
Премиерот најави дека децата постари од 12 години ќе може да се вакцинираат од четврток.
По вакцинирањето на околу 400 илјади ученици и студенти во земјата, властите соопштија дека сакаат да ги вакцинираат возрасните до 39 години, последна група од 5,7 милиони жители на Сингапур која останува да биде вакцинирана. Премиерот додаде дека мерките треба да бидат ублажени по 13 јуни поради намалување на пренесувањето на вирусот.
Рестораните може да нудат само шалтерска продажба на храна, а забрането е собирање на повеќе од две лица.
Во Сингапур, кој има 5,7 милиони жители, досега се регистрирани повеќе од 62 илјади случаи на коронавирус и 33 починати.