Рама: Приемот на Албанија за привремена членка на СБ е најголем дипломатски успех
Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека приемот на неговата земја за привремена членка на Советот за безбедност на ОН, претставува најголем дипломатски успех на државата.
„Изборот на Албанија за првпат како привремена членка на Советот за безбедност на Обединетите нации не е само голем успех, туку најголем во однос на влијанието во историјата на албанската дипломатија и причина да се разбере дека Албанија може и треба да направи повеќе за себе и за другите, особено за нашиот регион. Во одлуката на 11 јуни во Генералното собрание најголемо значење беше стекнувањето доверба од 175 места“, рече Рама на свечениот прием организиран по повод приемот на неговата земја во СБ.
Потенцирајќи дека Албанија е меѓу 10-те земји во светот по родовата застапеност во владата, тој посочи шест приоритети на земјата за време на периодот на членство.
„Не одиме таму само да ја пополниме фотелјата. Имаме приоритети, кои се движат од родовата еднаквост до верската толеранција. Албанија ќе се залага за родова еднаквост на ниво на донесување одлуки, заштита на човековите права и меѓународното право, промовирање на верска толеранција и поддршка во борбата против тероризмот и сите форми на фундаментализам“, додаде тој.
Рама ја критикуваше ЕУ за политиката на проширување, изјавувајќи дека таа политика е „бурно море за навигација“ и дека самите членки не успеваат да ги отелотворат европските вредности што ги претставуваат.