Готовите лични документи ќе се издаваат и за време на викендот
Министерството за внатрешни работи соопшти дека готови лични документи ќе се издаваат и за време на претстојниот викенд.
Граѓаните в сабота ќе може да си ги подигнат готовите документи во објектот во Македонската Радио Телевизија и пунктовите Беко, Драчево, Бутел и Ѓорче Петров. Додека в недела личните документи ќе можат да се подигнат само во објектот на МТВ.
Личните документи може да се подигнат од 08:00 до 16:00 часот.
Спасовски - Сериозно зголемување на барањата за лични документи
Речиси 42 илјади барања за лични документи биле поднесени само за 10 дена, од 5 до 14 јули, рече пред два дена министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој вели дека има сериозно зголемување на бројот на барања за издавање лични документи, но дека има доволно обрасци за сите.
Службите се добро организирани и работат и секој граѓанин ќе добие личен документ за кој има потреба, изјави Спасовски.