САД неделава донирале 22 милиони дози вакцини
Белата куќа соопшти дека САД оваа недела испратиле 22 милиони дози вакцина против коронавирус во други земји, бидејќи новите анкети им покажале дека повеќето Американци кои не биле вакцинирани против ковид-19, не планираат да го сторат тоа.
Тие 22 милиони дози беа испратени во 23 земји, изјави денеска портпаролката на Белата куќа Џен Псаки. До крајот на овој викенд, вкупно околу 80 милиони дози ќе бидат испратени од САД во други земји, додаде таа. Портпаролката вели дека САД донираат повеќе од која било друга земја.
Но се уште постои јаз меѓу вакцините помеѓу побогатите нации и посиромашните.
Анкетата спроведена неодамна во Америка на која невакцинирани Американци одговарале дали планираат да се вакцинираат покажува дека 35 проценти од возрасните кои сè уште не примиле вакцина велат дека веројатно нема да прифатат, а 45 проценти велат дека дефинитивно нема да се вакцинираат.
САД и донираше на Украина 2 милиони дози вакцини против ковид-19
Повеќето луѓе изјавиле дека се сомневаат дека вакцината ќе делува против делта варијантата која брзо се шири и покрај доказите дека вакцините се многу ефикасни против делта сојот.
Наодите од анкетата ги потенцираат предизвиците со кои се соочуваат јавните здравствени работници и владата во САД во услови кога бројот на новозаразени расте во скоро сите држави.
Американскиот претседател Џо Бајден повика што повеќе Американци да се вакцинираат, велејќи дека коронавирусот сега претежно се шири меѓу невакцинираните.
На национално ниво, 56 проценти од населението во САД примило барем една доза на вакцина.