Израелската војска тврди дека чека политичко „зелено светло“ за копнен напад
Израелската армија на 15 октомври објави дека чека политичка одлука за копнена офанзива против екстремистичката група Хамас, откако попладне истече новиот рок што израелската армија го постави за евакуација од северниот дел на Газа на југ од областа.
Во исто време, армијата не посочи кога ќе биде затворена опцијата за безбедно повлекување на цивилите, пренесува агенцијата Франс прес (АФП).
Израел се соочува со притисок од Обединетите нации и нивните сојузници да ја одложи најавената копнена инвазија на Газа додека на цивилите не им се даде шанса да се повлечат од северниот дел на палестинската енклава.
Портпаролите на израелската армија во неделата нагласија дека армијата, по „политичка одлука“, ќе ги преземе „сите мерки против Хамас“ по неговите напади минатата сабота, во кои загинаа најмалку 1.300 луѓе во Израел.
Израел собра десетици илјади војници околу Газа. Од нападот на Хамас минатата сабота, израелската војска изврши воздушни напади врз Газа, при што загинаа повеќе од 2.300 луѓе во густо населената област, пренесе Франс прес.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху во саботата им рече на војниците во близина на границата со Газа дека „доаѓаат повеќе војници“, но, не кажа кога ќе започне копнената операција.
Од почетокот на војната меѓу Хамас и Израел, бројот на загинати во појасот Газа надмина 2.300, а повеќе од 9.000 се ранети.
Во нападите на Хамас врз Израел загинаа повеќе од 1.300 луѓе, главно цивили, додека повеќе од 3.300 беа ранети.