УНРВА може да ги прекине операциите во Газа ако нема гориво
Агенцијата на ОН, која се грижи за палестинските бегалци (УНРВА) предупреди дека би можело да биде принудена да ги прекине операциите во Појасот Газа од среда навечер, доколку не се испорача гориво.
„Ако итно не добиеме гориво, нема да може да продолжиме да им помагаме на луѓето на кои им е потребна помош по средата навечер, а тоа е утре“, рече Џулиет Тума, директорка за комуникации на УНРВА, за ДПА.
Требаше да има „итна испорака“ на гориво, рече таа. Таа нагласи дека 600.000 внатрешно раселените во преку 150 засолништа што ги има УНРВА, зависат од помошта.
Хуманитарните агенции предупредија дека недостасува гориво кои се користи за напојување на виталните служби во Газа, како што се болниците, кои се потпираат на генератори.
Шест болници ширум Газа веќе се затворени оти недостасува гориво, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).
СЗО во понеделникот соопшти дека, со поддршка на УНРВА, е испорачано ограничено количество гориво за возилата на итна помош и за четири болници на југот на Газа.
Вооружени милитанти на Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври, убивајќи повеќе од 1.400 луѓе, главно цивили во пограничната област, и киднапирајќи повеќе од 200 други, според израелската армија.
Израел потоа почна да ја бомбардира палестинската територија, при што се убиени повеќе од 5000 луѓе, тврди Министерството за здравство во Газа.