МНР: Чекаме потврда од авганистанските власти за убиениот македонски државјанин
Авганистанските власти се уште не испратиле потврда до МНР во врска со веста дека македонски државјанин е киднапиран и убиен на територија на Авганистан, велат од македонското Министерство за нафворешни работи.
Оттаму за МИА рекле дека „вчера веднаш по веста испратиле барање за официјална информација до авганистанските институции и оти по добивање на официјална информација од властите во таа земја, согласно законските процедури, ќе го известат Министерството за внатрешни работи“.
Странски медиуми вчера претпладнето јавија дека три лица, од Македонија, Малезија и Индија, се киднапирани и убиени во главниот град на Авганистан, Кабул. Според портпаролот на началникот на полицијата во Кабул Хашмат Станекаи, нивните тела се пронајдени, а до нив биле и нивните лични карти. Портпаролот прецизира дека тројцата работеле во втората по големина компанија за храна и кетеринг во светот Содексо.
Компанијата „Содексо“, за која работел убиениот Македонец и неговите колеги кои го изгубија животот во атентат во Кабул, вчера изрази сочувство преку соопштение до јавноста.