Стејт департмент: Македонија дава важен пример во борбата против тероризмот
![Стејт департмент: Македонија дава важен пример во борбата против тероризмот](https://gdb.rferl.org/28D644E4-FEA4-4122-85BD-320392D9F39A_w800_h450.jpg)
Американскиот Стејт департмент оддаде благодарност до Македонија заради покажаната одговорност за нејзините државјани кои беа заробени во Сирија од Сириските демократски сили, а се бореле на страната на ИСИЛ, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
„Македонија дава важен пример за меѓународната заедница кој треба да го следат сите членови на Коалицијата за уништување на ИСИЛ“, изјави за МИА портпарол на Стејт департментот.
САД ги повикуваат земјите да покажат одговорност за нивните државјани кои станале терористи, а се задржани од Сириските демократски сили.
Министерство за внатрешни работи на Македонија, вчера соопшти дека привеле седум македонски државјани за кои постојат основани сомненија дека како странски терористички борци активно учествувале во конфликтите во Сирија и Ирак. Подоцна беше соопштено дека тие биле донесени во Македонија со американски воен авион, откако биле приведени од Сириските демократски сили.