Мицкоски реагира што македонските универзитети ги нема на Шангајската листа
Меѓу најдобрите 1000 универзитети, според Шангајската листа, нема ниту еден универзитет од Македонија. На прво место е американскиот универзитет „Харвард“, а потоа „Сенфорд“, британскиот Кембриџ е на третото место, според Шангај рејтинг. Од регионот најдобро се рангирани универзитетите во Атина и во Белград, тие се некаде меѓу 300 и 400 место. За стотина места подолу се и Универзитетот „Аристотел“ во Солун, Националниот технички универзитет во Атина и Универзитетот во Љубљана. На листата се и универзитетите во Загреб, Софија, Нови Сад.
На овој податок реагираше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е и универзитетски професор. Тој преку видео порака вели дека е пораз што ниту еден од универзитетите во Македонија не се наоѓа во првите илјада на Шангајската листа.
„Како универзитетски професор, но пред се родител и граѓанин на оваа земја, можам да кажам дека ова е резултат на негрижата и немањето на стратегија во високото образование, немотивираноста на наставниот кадар, експериментирањето и политизацијата на образованието. За ова нема изговори, неуспехот на владата го плаќаат младите“, вели Мицкоски.