Полицискиот синдикат бара МВР да набави нови униформи за полицајците
![Полицискиот синдикат бара МВР да набави нови униформи за полицајците](https://gdb.rferl.org/4BED3773-6849-4AAA-A5F8-18F9669BC704_w800_h450.jpg)
Независниот синдикат на полицијата бара од МВР да спроведе итна набавка на нови униформи, бидејќи како што денеска наведоа од полицијата не се набавени нови униформи веќе десет години.
Претседателот на синдикалната подружница на НСП Мартин Ефремов изјави дека веќе неколкупати се поништуваат тендерите за набавка на нови униформи и оти поради тоа кај нив почнува да се јавува сомнеж дека се прави свесно за да не се изврши набавката.
„Неколкупати Министерството излегуваше со конкретни датуми за набавка на нова униформа, но ниту еден не беше испочитуван. Бараме од Министерството веднаш да набави нова униформа по основ на итна и неодложна потреба, бидејќи летото го минавме со по една кошула, но за зимата не знаеме што ќе правиме“, вели Ефремов.
Како втор проблем тој рече дека е воведувањето седумчасовно работно време со кое, како што вели, се крши Законот за работни односи и колективниот договор, посочувајќи дека полициските службеници се ангажирани на работа секој ден, а неретко и по двапати во текот на денот, при што правото на неделен одмор им било целосно ускратено.