Амбасада на САД во Косово: Приштина и Белград немаат неограничена слобода во преговорите
Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Приштина вели дека постигнувањето договор меѓу Косово и Србија е во рацете на овие две држави, но им порача на преговарачите дека „не можат да имаат неограничена слобода на дејствување“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во одговорот на прашањето на „Газета Експрес“ за најавите на некои од учесниците во преговорите за промени на границите, Амбасадата на САД изрази очекување дека Приштина и Белград ќе постигнат стабилен договор, кој нема да предизвика тензии на Балканот.
Освен што нема да дозволи простор за планови кои предизвикуваат дестабилизација, Вашингтон јасно порачува дека страните нема да имаат неограничена слобода во одлучувањето за судбината на нивните држави, пишува приштинскиот портал.
“Ќе го следиме мошне сериозно и мошне внимателно тоа за што ќе се договорат страните. Тоа не подразбира неограничена слобода на дејствувањето’, се вели во одговорот на дипломатското претставништво на САД.