Болтон и Нетанјаху ги повикаа европските земји да го засилат притисокот врз Иран
Советникот за национална безбедност во Белата куќа, Џон Болтон, и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, на средбата во Ерусалим, ги повикаа европските земји да го засилат притисокот врз Иран. Болтон денеска му рекол на Нетанјаху дека за САД е „од најголема важност“ да се спречи Иран да создаде нуклеарно оружје и оти затоа претседателот Доналд Трамп се повлече од „несреќниот договор“ меѓу Техеран и шесте светски сили од 2015 година.
Оценувајќи го договорот како катастрофален, Нетанјаху рече дека сите земји кои се грижат за мирот и стабилноста на Блискиот Исток треба да го следат американското водство и да го засилат притисокот врз Иран.
Европските држави се обидуваат да го спасат нуклеарниот договор и ветија дека ќе продолжат да му овозможуваат на Иран економски придобивки според договорот, сметајќи дека на тој начин Техеран нема да се обиде да создаде нуклеарно оружје.