Почнува кампањата за успешен референдум
![Почнува кампањата за успешен референдум](https://gdb.rferl.org/593210FF-1204-4559-8AC0-29B8861733EF_w800_h450.png)
Премиерот Зоран Заев попладнево во Клубот на пратениците во Скопје ја промовираше коалицијата „Заедно ЗА европска Македонија“ и кампањата за рефередумот на 30 септември.
Коалицијата ја сочинуваат триесеттина партии кои се обединија во повикот до граѓаните за позитивен исход на референдумот и за евро-атлантска иднина на Македонија. Политичките партии се согласија да ги повикаат граѓаните да излезат и да гласаат „за“ на престојниот референдум и за членство на Македонија во НАТО и ЕУ.
Покрај премиерот Заев, се обратија и лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети и актерката Сабина Ајрула.
"Ни претстои настан со историски пропорции што ќе влијае на годините кои доаѓаат. Со целосна политичка одговорност коалицијата „Заедно ЗА европска Македонија“ составена од партиии, здруженија на граѓани, политички партии, граѓански здруженија, стопански комори, синдикати..., кои на претстојниот референдум сме согласни заеднички и одделно да ги повикаме граѓаните на 30 септември да излезат и да гласаат за подобра Македонија", рече Заев.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети упати апел и до опозицијата да се придружи во коалицијата за европска Македонија.
"На 30 септември има само две опции за европска Македонија или против. Гласот „За“ е за евроатланска Македонија. Јас сум убеден дека огромното мнозинство, сите политички лидери, граѓанското општество, академската заедница, медиумите се за Европа, за НАТО" изјави Ахмети на објавување на кампањата „Излези ЗА европска Македонија“.