Во американскиот Сенат ќе биде сослушувана наследничката на Бејли
![Во американскиот Сенат ќе биде сослушувана наследничката на Бејли](https://gdb.rferl.org/24D2CD66-FDAF-4AAB-AFD8-6C60F2AA88E4_w800_h450.jpg)
Во Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат денеска треба да биде сослушана и новоименуваната амбасадорка на САД во земјава Кејт Мари Бирнс. Во Комитетот ќе се сослушуваат повеќе лица, кои ќе бидат назначени на одредени функции. За да биде и официјално именувана, нејзината номинација прво треба да помина во Комитетот, а потоа треба да добие зелено светло и во Сенатот на САД.
Кејт Мери Бирнс беше номинирана од претседателот Доналд Трамп за нов амбасадор во Северна Македонија, по истекот на мандатот на Џес Бејли.
Таа е дипломат од кариера, ветеран со 24 годишен стаж. Пред номинацијата за амбасадор во Скопје, таа од септември 2017 година беше на позицијата заменик-амбасадорка во американската Амбасада во Атина. Работела како советник за односи со јавност во Амбасадата на САД во Мадрид, виш цивилен претставник на Стејт департментот во оперативната група Бастон/Бронко на аеродромот Џалалабад во Авганистан и советник за односи со јавност во Мисијата на САД во НАТО.
Таа неодамна најави три приоритети, кои ќе бидат во фокусот на нејзината работа како иден амбасадор во Скопје -стабилност преку силни институции, безбедноста преку партнерство и промоција на просперитетот преку позитивно влијание со фокус на унапредување на човековите права, слободни медиуми и отворени пазари.