Русија протестира против пресудата за Бутина која призна дека работела како руски агент во САД
Руската амбасада во САД денеска испратила протестна нота до американскиот Стејт департмент поради пресудата на американскиот суд во случајот на Русинката Марија Бутина, која призна дека работела како руски агент во САД.
„Во врска со незаконската судска пресуда испратена е протестна нота до Стејт департментот. Бараме од американските власти да обезбедат заштита на правата и законските интереси на нашите сонародници во согласност со меѓународните норми за човекови права. И покрај неправедната и строга пресуда донесена на 26 април, нашата сонародничка затворската казна ја поднесува достоинствено“, се наведува во соопштение од руската амбасада, од каде додаваат дека руски дипломати ја посетиле Бутина во затворот.
Бутина е осудена на 18 месеци затвор. Судијата Тања Чуткан го игнорираше барањето на одбраната на Бутина да биде осудена на казна еднаква на таа што веќе ја помина во притвор. Бутина во декември се изјасни за виновна и призна дека работела како руски агент во САД.