Повик на ЦИВИЛ за одржување демократски избори
Организацијата ЦИВИЛ – Центар за слобода во пресрет на вториот круг од претседателските избори ги повикува сите учесници во изборниот процес максимално да ги почитуваат демократските стандарди и законските регулативи и да придонесат кон фер, слободни и демократски избори.
„Бараме од политичките партии да го почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите на Република Северна Македонија, да го почитуваат изборниот молк и да ги сопрат евентуалните планови, ако постојат, за изборен поткуп, притисоци и манипулација на гласачите“, велат од организацијата.
Оттаму наведуваат дека секој обид да се наруши изборниот молк и кршењето на законите и стандардите за изборниот процес мора веднаш да бидат сопрени и санкционирани. Од ЦИВИЛ бараат Државната изборна комисија да ги искористи сите законски ингеренции за спроведување на фер и демократски изборен процес.
Од ЦИВИЛ ги повикуваат сите граѓани да пријавуваат изборни нерегуларности од секаков вид во ЦИВИЛ, на веб страницата Слободни избори.