ВМРО-ДПМНЕ поднесе приговор за гласањето во Ново Село
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека понеле приговор за гласањето за градоначалник на општина Ново Село. Според претседателката на ОИК Ново Село, Венера Шопова, приговорот е поднесен за едно избирачко место во селото Сушица на кое се запишани 795 гласачи. Таа посочува дека приговорот се однесува за наводно несогласување на бројот на запишаните гласачи кои гласале со бројот на гласачките ливчиња.
„Откако избирачкиот материјал заедно со членовите на избирачкиот одбор дојде во ОИК и повторно беше извршено броење излезе дека се е во ред. Ние ги испративме записниците во ДИК, а од ВМРО ДПМНЕ има поднесено приговор и утре ќе се одлучува дали ќе биде прифатен или одбиен приговорот“, информира Шопова.
На предвремените избори за градоначалник на Ново Село победи кандидатот на СДСМ, Никола Андонов со предност од 19 гласови. Тој освои 2.885, а кандидатот на ВМРО ДПМНЕ, Николчо Стоилков 2866 гласови.