ЗНМ го повика Собранието да ги забрза реформите за МРТВ
Здружението на новинарите на Македонија денеска реагира дека Владата не е надлежна институција која треба да ја оценува работата на медиумите. Реакцијата на ЗНМ се донесува по оценката од Владата дека Македонската радио телевизија не ги исполнила професионалните и етичките новинарски стандарди за обезбедување уредувачка независност, непристрасност и објективност во информирањето.
„Ја повикуваме Владата да не се впушта во оценки за професионалните стандарди на медиумите, бидејќи со тоа излегува од својата надлежност и ја презема работата на медиумските (само) регулаторни тела“, велат од ЗНМ.
Од ЗНМ упатуваат и повик со Собранието итно да го продолжи процесот за избор на нов состав на Програмскиот совет на МРТ, како предуслов за, како што наведуваат, реформа на јавниот сервис со што ќе се придонесе кон негова професионализација, кревање на стандардите, но и развивање на дописничката мрежа.