Средба Пендаровски - Вучиќ, надежи за добра соработка
Претседателот на Србија Александар Вучиќ на средбата со новиот претседател на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, како што соопшти неговиот Кабинет, изразил надеж за добра соработка, со цел поттикнување на соработката особено во областа на економијата.
Двајцата претседатели ја изразија својата намера да ги развијат врските меѓу двете земји и во сите други области од заеднички интерес и во корист на граѓаните на Србија и Македонија, се наведува во соопштението од Кабинетот на Вучиќ. Во него се посочува дека српскиот претседател му го честитал изборот, со желба за придонес во напредокот на земјата и за развојот на билатералните односи.
Претседателот Вучиќ го поканил Пендаровски да ја посети Србија и изразил надеж дека оваа посета ќе даде поттик за развој на соработката и добрососедските односи.
Пендаровски, како што се наведува во соопштението од Кабинетот на српскиот претседател, му се заблагодарил на Вучиќ за присуството на инаугурацијата, изјавувајќи дека му е мило што има пријатели во регионот. Пендаровски ја прифатил поканата да ја посети Србија на есен.