Филипче не отстапува од мерките за невакцинирани деца
Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека нема да отстапат од тоа сите деца кои се примаат и во градинките и во основните училишта да бидат вакцинирани.
„Не смееме кога ги имаме сите инструменти во рацете, кога тоа е пропишано со закон задолжително да се даде таа потврда за вакцинација, да замижиме или да направиме пропуст, па да ни се случуваат вакви епидемии со смртни случаи“, истакна Филипче.
Тој по промоцијата на 12 нови возила за Итната медицинска помош посочи дека верува оти до утре ќе имаат усогласен став по прашањето. Министерот за образование и наука Арбер Адеми претходно изјави дека се разгледуваат сите опции за упис во основно училиште на невакцинираните деца, а притоа да се запазат законите и јавното здравје.