Заев ќе ја фати „метлата“ од јуни
Премиерот Зоран Заев денеска најави дека на почетокот на јуни ќе излезе комплетно со промени во раководни структури на министерско ниво, во државните институции, а кон крајот на истиот месец ќе почне и по вертикала во општините. Прашан од новинарите до каде е најавената „метла“ тој порача дека се работи за неколку министри, заменици министри и директори, а конечните бројки ќе се соопштуваат кога за тоа ќе биде донесена одлука.
„Се уште сме во фаза на размислување, го имам концептот. Главните критериуми ќе бидат ароганцијата, неисполнување на одредени очекувања на граѓаните, неагилниот однос на одредени носители на високи функции, непотизмот, укажувањата од Антикорупциска, сите аспекти ќе бидат согледани и верувам дека ќе направиме вистински решенија, кои ќе бидат сериозен акцелератор за посилно динамизирање на работите во нашата земја, затоа што граѓаните сега очекуваат и конкретни резултати после сите овие крупни политички одлуки и по завршувањето на претседателските избори“, појасни Заев.
Тој информираше и дека деновиве ќе биде закажана средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со другите коалициски партнери на која ќе се разговара за реконструкцијата. Паралелно, како што најави Заев, ќе се прават и промени во СДСМ.