Џафери: Нема правна основа за тестирање на пратениците од наркотици
Претседателот на Собранието Талат Џафери ја доби и ја разгледа Иницијативата од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, а која се однесува на барањето за доброволно тестирање на пратениците во Собранието од наркотици, соопштуваат денеска од собраниската прес-служба.
Оттаму информираат дека во Законот за пратеници, во Деловникот за работа на Собранието и во Уставот на државата, нема правен основ според кој Претседателот и Собранието би можеле да ја реализираат Иницијативата на Независната пратеничка група.
Соопштението доаѓа откако независната пратеничка група од ВМРО – ДПМНЕ поднесе предлог- во понеделник во Собранието да дошле лекари и сите пратеници доброволно да направат тест за наркотични средства по случајот со пратеникот од владејачкото мнозинство Павле Богоевски.
Во соопштението на Собранието е наведено дека условите за кандидирање, за избор и за работа на пратениците во Собранието се јасно дефинирани.
„Оттука претседателот на Собранието не може и не смее да постапува надвор од своите законски овластувања“, се вели во соопштението.
Исто така во него се вели дека не се точни тврдењата на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски дека, претседателот на Собранието може и без формално покрената иницијатива, да утврди одговорност на пратеник.