Заев денеска ќе присуствува на отварање на автопат на Коридорот 10
Премиерот Зоран Заев денеска заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ ќе присуствува на свеченото отварање на јужниот крак на Коридорот 10 на делницата низ Грделичката клисура во Србија.
Кабинетот на премиерот најави дека Заев вечер во 20:00 часот ќе се обрати на свечената церемонија по повод отварањето за сообраќај на автопатот на Коридотор 10 во Грделичка клисура, кај Владичин Хан, а со него ќе биде министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Коридорот 10 ќе го отвори за сообраќај српскиот претседател Вучиќ.
Свеченото отварање и обраќањето на претседателот Вучиќ и премиерот Заев е предвидено на платото под мостот Врла на делницата од автопатот кај Грделичка клисура.
"Мислам дека пристигнувањето на Заев е важна вест и го покажува значењето на Коридорот 10", изјави претседателот Вучиќ во пресрет на отварањето на автопатот, додавајќи дека од Белград до Северна Македонија сега ќе се стигнува за три часа.
Со отварањето на делницата кај Грделичка клисура, Србија преку Коридорот 10 ќе биде целосно поврзана со 600 км долг автопат од границата на нашата држава до границата со Унгарија.
Коридорот 10 е еден од најважните пан-европски транспортни коридори што поминуваат низ Србија и ги поврзува Австрија, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија, Северна Македонија и Грција.