Заев и Хан уверени дека ЕУ ќе испорача датум за преговори
![Заев и Хан уверени дека ЕУ ќе испорача датум за преговори](https://gdb.rferl.org/DA555DCD-1B66-4008-A81F-A9A98A8EC571_w800_h450.jpg)
Денес сме подготвени и политички и институционално. Ние цврсто веруваме дека заслужуваме одлука заснована на заслуги и веруваме дека и ЕУ ќе испорача, порача премиерот Зоран Заев за време на економскиот форум во Виена. Тој истакна и дека очекува државата да добие датум за почеток на преговорите, бидејќи покажала како преку дијалог и соработка се решаваат долгогодишни проблеми. Според него, 2019 ќе биде година на економијата, како продолжение на економскиот напредок од минатата година.
Заев додаде и дека земјата и натаму ќе биде сигурна и стабилна, земја којашто се грижи и на инвеститорите им нуди соодветни услови за развивање на својот бизнис.
Еврокомесарот Јоханес Хан истакна дека политичката стабилност на Северна Македонија е најдобра во регионот, а уште еден доказ за тоа биле успешно спроведените претседателски избори. Хан го изрази и своето очекување земјата да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија и до крајот на оваа година да бидат отворени и првите поглавја.
Хан ги охрабри компаниите од Австрија да инвестираат во нашата земја, бидејќи како што рече тоа значи поголем профит за државата и отворање на нови работни места.