Ципрас се обидел за името да преговара со Груевски, но тој одбивал
Грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервју за „Фајненшел тајмс“ изјави дека се обидел да иницира договор за спорот за името и со поранешниот премиер Никола Груевски, но оти тој одбивал. Тој истакна и дека за неговите намери ја информирал и германската канцеларка Ангела Меркел.
„Груевски беше човек кој никогаш не сакаше да преговара. Се сеќавам дека отидов во Берлин. Се сретнав со канцеларката Меркел. Долго време дискутиравме за економската криза, долгот, дефицитите, меморандумите и сл. Решивме да зборуваме и за надворешна политика, а јас и реков: сакам да го решам овој проблем, дури и со Груевски. Ќе се обидам да го предизвикам со тоа што ќе го седнам на маса. Ако тој не сака да седне на маса, ќе биде обвинет дека не сака решение“, наведува Ципрас.
За постигнатиот договор за името Ципрас смета дека станува збор за балансирано и обострано корисно решение. Според него, се чинело дека единствената разлика е името, но се работело и за историјата и идентитетот, што ги правело работите многу тешки.
„Мислам дека постигнатиот договор е балансиран. Никој не ја доби својата позиција 100 проценти… Северна Македонија е мала земја со 2,5 милиони луѓе. Ако имаме нормална врска, оваа земја би можела да биде стратешки партнер за Грција, поле за инвестиции, за отворање пазари“, посочува Ципрас.