Заев ги повика црногорските компании да инвестираат во земјата
![Заев ги повика црногорските компании да инвестираат во земјата](https://gdb.rferl.org/66921BCA-49A6-4D1A-AE71-E3410F9590FF_cx26_cy4_cw56_w800_h450.jpg)
Премиерот Зоран Заев во обраќањето на Бизнис форумот во Подгорица порача дека сe што работат како политичари го прават за економијата, заради бизнисот, трговијата, заради нови работни места, за раст на БДП, заради извозот, што на крајот претставува квалитет на живот на граѓаните.
Како што соопшти владината прес-служба, Заев додаде дека нашата земја ќе го следи искуството на Црна Гора во пристапувањето во НАТО и ЕУ и изрази благодарност до Подгорица за брзата ратификација на протоколот за наше членство во Алијансата, со што, како што порача, ги охрабри сите други земји членки со брзо темпо да започнат процес на ратификација.
„Нашите очекувања се дека на почетокот на декември во Лондон на НАТО Самитот ќе имаме полноправно членство. Членството во НАТО, знаете вие во Црна Гора, а ние веќе во Северна Македонија чувствуваме носи економија и траен мир, стабилност и сигурност и безбедност, нешто што е важно за сите бизнисмени како минимум услов за развој на бизнисот. Во такви околности, како земја кандидат, со испорачана покана и 13 ратификации ние во нашата земја почнавме да ги кршиме сите економски рекорди од независноста до сега. Странските инвестиции се 625 милиони евра, најдобрата година беше 2011 со 340 милиони евра, што значи дупло повеќе од најдобрата година. Ова покажува колку е значајна безбедноста и стабилноста за економијата, а со нашето членство во НАТО ја зајакнуваме безбедноста и стабилноста и во целиот регион“, истакна Заев.
Тој притоа ги повика црногорските компании да инвестираат во нашата земја, затоа што ќе имаат поддршка до 50 отсто од вкупната инвестиција, заедно со олеснувањата со ослободување од даночните обврски по многу основи.