Димитров очекува зелено светло од ЕУ за отпочнување преговори
![Димитров очекува зелено светло од ЕУ за отпочнување преговори](https://gdb.rferl.org/C87439C9-96B8-4ACF-A72E-E1D47EE29B4E_cx46_cy2_cw44_w800_h450.jpg)
Северна Македонија очекува да добие зелено светло од ЕУ и годинава да ги почне прегoворите за членство, вели шефот на дипломатијата Никола Димитров во интервју за „Фајненшел тајмс“.
„Кога постои добар пример, тој треба да биде препознаен и награден. Ако тоа не се случи, тогаш моќта на ЕУ станува слаба, вели Димитров.
Според него, ако Европа не може да направи разлика на Балканот, тогаш тешко е да се замисли како тоа ќе направи разлика на друго место.
„ЕУ ќе го изгуби влијанието на Западен Балкан и ќе ризикува да ги зајакне ривалите како што се Русија и Кина ако не го одобри „уверливиот случај” на Северна Македонија и не донесе одлука да започне преговори за пристапување на земјата. Ќе биде тешко да разговараат со крената глава за трајни поблиски врски меѓу Брисел и регионот, ако земјите-членки на ЕУ не успеат да ја потврдат одлуката за започнување на процесот на пристапување“, истакнува Димитров.
Димитров предупредува дека одбивањето од страна на ЕУ ќе го наруши кредибилитетот на владата во Скопје и ќе ги зајакне националистичките сили.