Потврдена пресудата за лидерот на владејачката партија во Романија
Романскиот суд ја отфрли жалбата на лидерот на владејачката Социјалдемократска партија, Ливиу Драгнеа за пресудата од минатата година под обвинение за корупција. Одлуката на Врховниот суд во Букурешт е конечна. Судот му даде рок на Драгнеа од 24 часа да се пријави во полиција за отслужување на три и пол годишната затворска казна.
Драгнеа беше обвинет дека го употребил неговото влијание за да обезбеди лажни работни места за две жени кои во тоа време работеле во неговата партија. Одлуката на судот е изречена еден ден по поразот на Социјалдемократската партија на Драгнеа на европските избори.