Димитров очекува позитивен извештај од ЕК и старт на преговорите до крај на годината
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, изјави дека утре очекува позитивен извештај од Европската комисија и политичка одлука за отворање на преговорите до крајот на годинава. Тој денеска беше на министерскиот состанок на земјите од Вишеградската група и земјите од Западен Балкан во Братислава.
„Утре очекуваме позитивен извештај од Европската Комисија што реално ќе го отслика пресвртот што Северна Македонија успеа да го постигне во изминатиот период. Како дома, преку унапредување на состојбите во клучните области и демократските процеси, така и надвор преку договорите со Грција и Бугарија. Потоа очекуваме политичка одлука за отворање на преговорите до крајот на годинава. Тоа не значи дека очекуваме и сме спремни да станеме членка денес или утре. Туку значи само отворање на следната фаза; почеток на новата етапа од нашиот европски пат кој се разбира дека ќе биде долг и ќе бара уште многу работа. Но е почеток кој е заслужен и неопходен за нашата европска иднина!“, рекол Димитров во излагањето на состанокот, соопшти Министерството за надворешни работи.
Годинешниот состанок во Братислава се одржа во рамките на Словачкото претседателство со Вишеградската група, каде централна тема на дискусија било унапредување на реформскиот и евроинтеграцискиот процес на земјите од Западен Балкан и научените
лекции. Дополнително, се разговарало и за заедничката европска иднина во новиот геополитички контекст.