Претседателот на косовското собрание во смирувачка посета на северно Косово
Претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели попладнево беше во посета на Зубин Поток во северно Косово, каде што утрово специјалните единици на косовската полиција изведоа обемна операција за апсење на осомничени за организиран криминал, која го вознемири месното српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.
Цел на посетата на Весели, како што е објавено, е да ги убеди граѓаните дека немаат од што да стравуваат, затоа што целта на полициската акција била единствено борбата против корупцијата и организираниот криминал. Тој на средба со граѓаните изјавил дека дошол за да даде поддршка во името на институции на државата за сите граѓани на Косово.
Тој порача дека косовските институции ќе дејствуваат врз основа на уставните и законските надлежности во целата земја и изрази уверување дека ќе успеат да изградат либерално – демократска држава, во која ќе владее правото и законот.