За албанските власти обединувањето со Косово не е на официјалната агенда
Овластениот министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Гент Цакај изјави дека националното обединување на Албанија и на Косово не е на официјалната агенда на двете земји, јави дописничката на МИА од Тирана.
На тој начин ја отфрли изјавата што косовскиот претседател Хашим Тачи ја даде деновиве дека „во блиска иднина Косово и Албанија ќе живеат заедно во една држава“.
„Што се однесува до изјавите на претседателот на Косово, тоа е прашање кое не е во официјалната агенда на ниту една од земјите, но се залагаме да ја интензивираме нашата соработка со Косово и со другите земји во регионот. Принципот на регионална соработка е на агендата на Албанија, затоа што тоа го бара Берлинскиот процес. Досега, нашата амбиција за соработка не беше насочена само кон Косово, туку и со Албанците од регионот и државите во регионот во целина“, изјави Цакај.