Уапсениот руски државјанин прогласен за „персона нон грата“ во Косово
![Уапсениот руски државјанин прогласен за „персона нон грата“ во Косово](https://gdb.rferl.org/EBB6BBA9-A9E2-4AC5-93B1-033DF717DD04_cx39_cy2_cw61_w800_h450.jpg)
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска информира дека рускиот државјанин Михаил Красношченков, кој беше уапсен за „попречување во вршењето на службена должност“ за време на акцијата во северно Косово, е прогласен за „персона нон грата“.
Харадинај на Фејсбук напиша дека одлуката ја донел „поради активностите на рускиот државјанин против уставниот поредок на Косово, универзалните вредности, мирот и стабилноста“.
На Красношченков кој е службеник во Мисијата на Обединетите нации во Косово (УНМИК) му е наложено да ја напушти државата. Харадинај го повика и специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации во Косово да ја почитува одлуката.