Пахор: ЕУ да ги почне преговорите со Северна Македонија
![Пахор: ЕУ да ги почне преговорите со Северна Македонија](https://gdb.rferl.org/A55A194C-127C-495F-A869-494AC44F8002_w800_h450.jpg)
Словенечкиот претседател Борут Пахор поддржува што е можно побрз почеток на преговорите за полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ. На заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Стево Пендаровски кој престојува во официјална посета на Словенија, Пахор изјави дека очекува ЕУ што е можно поскоро да ја отстрани "грешката што се случи кога ја одложи одлуката за давање на зелено светло" за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија. Пахор ја истакна поддршката од неговата земја во приближувањето на Северна Македонија во ЕУ и НАТО, јавуваат агенциите.
"Во овој случај мислам дека ќе биде добра идеја да се одвои прашањето на Украина и Турција, кои се земји-кандидатки и земјите од Западен Балкан треба да се гледаат како целина, со цел да се поттикнат на меѓусебно решавање на заедничките проблеми", рече словенечкиот претседател.
Пендаровски изјави дека поддршката на Словенија како членка на ЕУ е многу важна, но дека во неговата земја сите се разочарани поради одложувањето на одлуката за почеток на преговорите за членство од страна на ЕУ. Тој додаде дека се надева оти се работи само за техничко одложување до октомври, кога Советот на ЕУ треба повторно да одлучува.