ЗНМ бара итни реформи во медиумите по случувањата со 1ТВ
![ЗНМ бара итни реформи во медиумите по случувањата со 1ТВ](https://gdb.rferl.org/3A2D9E77-014A-4CC0-8261-0B960ABDCC87_w800_h450.jpg)
Од Здружението на новинарите по последните случувања со приведувањето на Бојан Јовановски, менаџер во кабелската телевизија 1ТВ, изразуваат загриженост за состојбата во која се наоѓаат новинарите и медиумските работници вработени во медиумот, кои поради скандалот може да останат на улица.
„Ова дополнително може негативно да се одрази и на севкупниот пазар на трудот во медиумскиот сектор. Оваа состојба нека биде последен аларм за итно спроведување на најавените и ветени реформи во медиумската сфера, но и во вкупниот медиумски бизнис, преку неопходен мониторинг во однос на начинот на кој медиумите се финансираат и во однос на сопствеништвото“, се наведува во соопштението од ЗНМ.
Од ЗНМ ја повикуваат Владата и опозицијата, преку Парламентот да најдат механизам за итно деблокирање на собраниските процедури преку кои треба да продолжат реформите важни за медиумската сфера. Здружението потенцира и дека се пробиени сите рокови за екипирање на програмскиот совет на МРТ и на Советот на АВМУ .