Јакуп Красниќи повикан од Специјалниот суд во Хаг
Поранешниот претседател на косовското Собрание и портпарол на Ослободителната војска на Косово (ОВК) во 1998-99 година, Јакуп Красниќи доби покана од Специјалниот суд за воени злосторства во Косово, каде што треба да се јави идната недела, на 24 јули, јави дописникот на МИА од Приштина.
Информацијата ја потврди самиот Красниќи, кој преку соопштение за јавноста изрази уверување дека „правдата ќе биде задоволена“ и порача дека „вистината е дека во војната во Косово, Србија изврши геноцид, а нејзините монструозни конструкции за ОВК ќе паднат во вода“.
Покана да се појави пред Судот во Хаг во својство на осомничен доби и Рамуш Харадинај, кој вчера поднесе оставка од фунцкијата претседател на Владата на Косово, порачувајќи дека пред судот сака да се појави како граѓанин на Република Косово, а не како премиер.