Хрватски војник загина во Авганистан, талибанците ја презедоа одговорноста
Талибанците ја презедоа одговорноста за нападот во Кабул, во кој загина еден, а двајца хрватски војници се тешко повредени, пренесува Ројтерс. Војникот, роден 1992 година, починал денеска околу пладне од тешките повреди здобиени рано утринава во нападот на возило на Хрватската војска во Кабул, соопшти хрватското Министерство за одбрана.
Тој бил однесен во американската болница во Баграм, но поради тежината на повредите, починал.
Претходно беше јавено дека тројца припадници на Хрватската војска во мировната мисија во Авганистан се ранети во нападот на нивното неборбено возило во Кабул. Според првичните информации, на возилото налетал бомбаш-самоубиец на мотоцикл.
Другите двајца војници се потешко повредени. Еден има повредена нога, а другиот повредена рака.
Во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан во моментов има 99 хрватски војници.
Повредените војници се припадници на Хрватските специјални сили. Во Авганистан има 23 хрватски специјалци кои работат на обука на авганистанските специјални сили.
Ова е прв хрватски војник кој загина во Авганистан. Во 2006 година беше ранет еден хрватски војник во провинцијата Кандахар на југот на Авганистан.