ВМРО-ДПМНЕ бара истрага за сите обвинители од СЈО, а предметите да ги преземе Јавното обвинителство
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не може да прифати сите обвинители од СЈО да се приклучат на јавното обвинителство за организиран криминал, а Катица Јанева да биде унапредена во републички јавен обвинител, и со оглед на тоа што доаѓа од основно јавно обвиниелство, тоа би било голема неправда до сите останати обвинители во државата, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој предлага обвинителите од СЈО да се вратат во матичните обвинителства, но претходно да се истражи дали се поврзани со предметот „Рекет“ и со псевдонимите кои се спомнуваат во јавноста.
„Тоа го нема во ниту еден случај во светот, а е и грубо прекршување на се уште важечкиот закон за СЈО“, рече Мицкоски, и додаде дека „фузијата што ја предлага СДСМ е атак врз политичките неистомисленици“.
Тој предлага и сите предмети од СЈО од 2016 да ги преземе Републичкото Јавно Обвинителство во фаза во која што се, односно државниот Јавен обвинител да ги прераспредели согласно советите на експртската јавност, почитувајќи го принципот на супординација во рамките на едно обвинителство, а тоа е, како што рече Мицкоски, државното Обвинителство.