Османи оптимист дека партиите ќе се договорат за Законот за ЈО
![Османи оптимист дека партиите ќе се договорат за Законот за ЈО](https://gdb.rferl.org/54CD6CEF-6BF8-48E0-8A2A-07AAE9C7ACBB_cx0_cy3_cw0_w800_h450.jpg)
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, е оптимист дека партиите за брзо ќе најдат компромис за Законот за јавно обвинителство, затоа што преголема е одговорноста во однос на добивањето датум за преговори, иако овој закон не е формален услов за тоа. Тој по средбите во Брисел деновиве вели дека добива позитивни сигнали и доколку во следните 29 дена не се направи некаква политичка грешка во државата и се донесе законот за јавно обвинителство, нема да има аргумент од која било земја членка да каже „не“ за одлуката за отпочнување на преговори. Османи во разговор за МИА вели дека случајот Рекет е едно од прашањата што се покренува на секоја од средбите, дали со земји членки, дали со Комисијата.
„Меѓутоа јас ќе повторам дека случајот Рекет што на некој начин е криза, ние можеме да го претвориме во можност, со тоа што институциите ќе се соочат со него транспарентно и ефективно и ќе ги расветлат сите аспекти, без оглед која ќе биде завршницата на оваа истрага“, вели Османи. На прашањето дали има политички фигури инволвирани во „Рекет“, Османи вели дека пораката што политичари треба да ја испратат е дека доколку има политичари или луѓе од која било позиција на моќ, тие не треба да бидат поштедени.