Во вторник средба Заев-Мицотакис во Њујорк
![Во вторник средба Заев-Мицотакис во Њујорк](https://gdb.rferl.org/66DA348C-BCE8-44CF-91A7-C50B4124A4CD_w800_h450.jpg)
На маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, во вторник предвидена е средба на Зоран Заев со Кирјакос Мицотакис, според грчки извори, jави дописничката на МИА од Атина.
Ова ќе биде прва средба на премиерите на двете земји, откако по изборите во Грција на почетокот на јули годинава, имаше промена на власта кај јужниот сосед.
Од македонската влада веќе соопштија дека претседателот на Владата, Зоран Заев и владина делегација во состав заменик претседател во Владата за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, од 23 до 28 септември ќе учествуваат во работата на 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Програмата на премиерот Заев предвидува официјална средба со Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, како и присуство на приемот на покана од Претседателот на САД Доналд Трамп и сопругата Меланија, по повод одржувањето на 74-тото Генералното собрание на ОН.
Официјалното обраќање на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на Генералното Собрание на Обединетите Нации е предвидено за 28 септември, во претпладневната сесија.