Светските лидери и интернет гигантите заедно во борба против тероризмот
![Светските лидери и интернет гигантите заедно во борба против тероризмот](https://gdb.rferl.org/A49BFB94-E52F-4456-9411-E9ACD94DD345_cx0_cy7_cw0_w800_h450.jpg)
Технолошките интернет гиганти и светските лидери се здружија за да основаат организација за борба против терористичките и екстремистички содржини на интернет, објави новозеландската премиерка Јасинда Ардерн, пренесоа новинските агенции. Во организацијата заедно ќе бидат Ангела Меркел, Емануаел Макрон, Јасинда Ардерн... и интернет гигантите како Фејсбук, Јутјуб и Гугл.
Новиот самостоен глобален интернетски форум за борбата против тероризмот (ГИФЦТ) ќе ја попречува терористичката и насилна екстремистичка употреба на социјалните мрежи, објасни Ардерн на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Ардерн ги повика интернет-компаниите да преземат акција откако терористот кој изврши ужасен масакр во џамиите во Нов Зеланд оваа пролет го емитуваше својот крвав поход во живо преку Интернет.
Исечоци потоа биле „копирани и повторно вчитувани во невидени размери“, се вели во заедничката изјава на Ардерн и францускиот претседател Емануел Макрон.
Бројот на држави кои ја поддржуваат иницијативата се зголеми на 48 земји и 3 меѓународни организации, се вели во соопштението.
Ардерн рече дека новиот протокол за одговор на криза, по терористички и екстремистички напади, ќе им помогне на владите и технолошките компании да координираат и управуваат со нападите преку Интернет.