ЗНМ: ОЈО да ги гони тие што го изнеле записникот, а не тие што го објавиле
Здружението на новинари на македонија денеска реагираше по поднесувањето на обвинението од ОЈО до новинарот на порталот Инфомакс, кој ја објави првата страница од записник поврзан со случајот „Рекет“, што според ОЈО е оддавање државна тајна и е кривично дело.
„Начинот и леснотијата со кои Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт за оддавање службена тајна во предистрага против Александар Митовски од порталот Инфомакс отвора сомнежи за нетранспарентност и селективност во постапката. Обвинителството не треба да ги гони оние што ги објавиле документите, туку личноста која имала пристап до службени тајни и ги изнела и ги дала на медиум. Дополнително, случајот на којшто се однесува протечениот документ е високо-профилен што уште повеќе треба да го зголеми притисокот врз Обвинителството да ги употреби сите ресурси и службена легална моќ за да открие како се случило протечувањето. Само на овој начин ќе има гаранција дека во иднина ќе се запазува тајноста на истрагите“, стои во рекацијата на ЗНМ.