Американскиот пратеник за Украина поднесе оставка
Пратеникот на САД за Украина, Курт Вокер, поднесе оставка откако Конгресот го повика да сведочи во рамки на истрагата против претседателот Доналд Трамп, изјави неименуван американски претставник, пренесуваат агенциите.
Во извештајот на „свиркачот“ од ЦИА објавен в четврток, се наведува дека Вокер се сретнал со високи украински претставници да разговара за барањата на Трамп до украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери доведе до одлуката на Конгресот да почне процедура за импичмент на Трамп.
Демократите тврдат дека Трамп од Зеленски барал да отвори истрага за поранешниот американски потпретседател Џо Бајден, кој е еден од фаворитите на Демократите за номинација за претседателските избори догодина.
Конгресот му нареди на Вокер наредниот четврток да се појави пред надлежниот суд поради сослушување. Вокер е искусен дипломат, кој во време на претседателот Џорџ Буш беше американски амбасадор во НАТО, а подоцна ја напушти дипломатијата и се посвети на кариерата на универзитетот. Во 2017 беше назначен за американски пратеник за Украина, работа што ја работи волонтерски, покрај обврските на факултет.