Претседателот на ЕП, Сасоли упатува порака - Не се откажувајте од европската иднина
Претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, пред денешната посета на Скопје, преку видео објавено на Твитер упати порака пред сè до младите да не губат надеж и да не се откажуваат од европската иднина.
„Вие припаѓате на нашето семејство и вие на крајот ќе бидете член на ова семејство. А ова семејство ќе ве пречека со верба и надеж“, порачува Сасоли.
Освен Македонија, во следните недели ќе ја посети и Албанија. Ова се негови први официјални патувања надвор од ЕУ. Тој вели дека го разбира и го дели разочарувањето од тоа што некои земји го блокираат почетокот на преговори.
„Ги исполнивте сите критериуми, направивте одлична работа и заслуживте зелено светло за почеток на преговорите. За ова прашање Европскиот парламент и Европската комисија го изразија нивното мислење многу јасно заедно со огромното мнозинство земји на ЕУ. Но, ова не е крај на дискусијата. Европскиот парламентот, домот на европската демократија е со вас. Нема да молчиме. Ќе притискаме цврсто за позитивно гласање на наредниот Европски совет“, вели тој.