Шекеринска: Неопходен ни е амбасадор во НАТО
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска изјави дека што побрзо треба да се назначи амбасадор во НАТО.
„Час поскоро неопходен ни е амбасадор во НАТО и неодбранливо е да се зборува дека членството во НАТО е заеднички приоритет, а притоа опозицијата да се буни, да бара државата да не ни прати амбасадор во НАТО. Тоа е работење против стратешките интереси на државата и навистина очекувам дека тој став ќе си го променат. Ние сме, после 30 години зборување за НАТО, најпосле пред членството. Минимум што мора да правиме не се само законите, коишто убедена сум дека до крајот на годината ќе бидат донесени, туку и да испратиме амбасадор во НАТО и воен претставник во Алијансата за да покажеме дека го цениме членството, но и знаеме дека членството е одговорност. Џабе сме членки ако пак таму на тоа највисоко ниво сме отсутни“, рече Шекеринска.
Таа појаснувајќи ги измените во новиот Закон за служба во Армијата истакна дека со него првпат се решава проблемот со станбено обезбедување на припадниците на армијата и со месечниот паушал од 7.000 денари ќе бидат опфатени околу 6.000 лица. Шекеринска појасни дека законот предвидува многу попрофесионално и попредвидливо водење во кариерата.