Џонсон: Вонредните избори се единствена опција
Британскиот премиер Борис Џонсон денеска ја започна официјалната кампања за изборите на 12 декември, обвинувајќи ја опозицијата за блокирање на излезот на Велика Британија од Европската унија.
„Не сакам предвремени избори и никој не е среќен за изборите во декември, но достигнавме точка кога веќе немаме избор“, изјави Џонсон пред новинарите.
Според него, британските пратеници постојано одбивале да го спроведат брегзитот и да го почитуваат резултатот од референдумот. Џонсон го критикуваше лидерот на опозициските лабуристи Џереми Корбин, бидејчи како што рече „се ставил на страната на рускиот претседател Путин, по труењето на поранешниот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Салсбери“.
Претходно денеска, Џонсон го спореди лидерот на Лабуристите со поранешниот советски лидер Јозеф Сталин, обвинувајќи го дека планира безобразно зголемување на даноците што ќе го уништи британскиот просперитет. Според него, Лабуристичката партија ги напаѓа богатите Британци “со задоволство и одмазда невидена од прогонот на Сталин ".
Корбин ги опиша економските планови на Џонсон како „тачеризам на стероиди“. Кампањата на владејачките Конзервативци не започна поволно, бидејќи и министерот за Велс, Алун Карнс, поднесе оставка непосредно пред обраќањето на Џонсон.