Рохани - Опстојувањето на нуклеарниот договор ќе го укине ембаргото за оружје
Иранскиот претседател Хасан Рохани вели дека опстојувањето на нуклеарниот договор од 2015 ќе му овозможи на Техеран да продава и да набавува оружје.
„Со продолжување на нуклеарниот договор ќе постигнеме огромна политичка, дефанзивна и безбедносна цел“, рече денеска Рохани.
Иран почна да прекршува делови од договорот, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договорот.
Рохани се застапува за целосно спроведување на договорот, додека тврдокорните сили, лути поради чекорот на САД се обидуваат да се оддалечат од договореното.
Еден од условите во договорот е дека ембаргото за оружје наметнато од Обединетите нации за Иран ќе биде укинато во октомври 2020 година. За Рохани тоа е едно од „значајните влијанија“ на договорот.
Според договорот со светските сили, на Иран му е дозволено да работи со центрифуги од прва генерација, но не му е дозволено да користи напредни центрифуги и да истражува и развива начини на акумулирање збогатен ураниум.
Збогатениот ураниум може да го користи за производство на гориво за реакторите, но не и за нуклеарно оружје, а со понапредните центрифуги Иран побрзо ќе може да произведе материјал за потенцијална нуклеарна бомба.
Иран сега произведува повеќе ниско збогатен ураниум дневно, откако во употреба беше пуштена новата подземна лабораторија во постојката Фордо, изјави шефот на иранската нуклеарна програма, Али Акбар Салехи за „Асошиејтед прес“.
Салехи вели дека Техеран сега дневно во постројките Натанц и Фордо произведува најмалку 5,5 килограми ниско збогатен ураниум. А претходно произведуваше околу 450 грама на ден.
Во моментов Иран го збогатува ураниумот до 4,5 проценти, што е далеку под потребното ниво од 90 отсто за производство на нуклеарно оружје.
Според нуклеарната спогодба, Фордо требаше да биде истражувачка лабораторија и да не се користи за збогатување на ураниум.
Иран се надева дека ќе изврши притисок врз Европа преку овие чекори и ќе ги натера европските земји да понудат начин со кој Иран ќе може да ја продава својата сурова нафта во странство и покрај американските санкции.