Годишнината од студентскиот бунт против хунтата во Атина под силни безбедносни мерки
Над 5000 полицајци, дронови и хеликоптер денеска ќе се грижат за безбедност во Атина, во обид да се спречат инциденти за време на одбележување на годишнината од студентскиот бунт и падот на хунтата, јави дописничката на МИА од Атина.
Како и секоја година ќе се одржи протестен марш од Политехничкиот факултет, местото од каде што почна бунтот во 1973, до Амбасадата на САД во Атина.
Под посебно полициско обезбедување ќе бидат владините објекти, министерствата, амбасадите и слично, а според медиумите во Грција, за безбедноста на американската амбасада ќе биде поставена блокада од 17 полициски автобуси.
Паралелно, ќе бидат затворени и три метро станици што се наоѓаат во деловите низ кои ќе поминат демонстрантите.
За првпат на улиците ќе излезе и новоформираната полициска единица „Драси“, односно полицајци на мотори кои ќе се движат низ центарот на Атина, а во состојба на готовност ќе бидат и цистерните со вода за растерување демонстранти.
Грчката полиција веќе од четвртокот започна да спроведува дел од мерките, во соработката со општината отстранети се сите канти за отпадоци во центарот на Атина.
Во фокусот на грчката полиција веќе неколку денови е атинската населба Ексархија, која важи за собиралиште на анархисти и населба во која секоја година, по завршувањето на традиционалниот марш се случуваат сериозни инциденти меѓу маскирани лица и полицајци.
Особен акцент, полицијата ќе стави на спречување на нападите на маскираните лица со предмети и молотови коктели од балконите на зградите, а според АНА-МПА, за да се избегне реприза на ваквите инцидентите од изминатите години, задолжени ќе бидат дроновите на грчката полиција кои ќе ја следат ситуацијата.